Пендаровски: Без доверба во институциите ја ризикуваме националната безбедност

0
69

Без доверба во институциите ја ризикуваме нашата национална безбедност, истакна претседателот Стево Пендаровски, кој денеска се обрати на централната свеченост по повод одбележувањето на Денот на Армијата на Република Северна Македонија.

Пендаровски ја нагласи обврската на оваа политичка генерација за воспоставување систем за ефикасно справување со криминалот и корупцијата. Историјата нема да ни прости, вели Пендаровски, ако и овој пат не бидеме на вистинската страна како што бевме и за време на Втората светска војна.

„Ниската репутација и разочараноста на граѓаните од политиката и од нас, политичарите, креираат идеален амбиент за новите начини на поткопување на стабилноста и безбедноста, како што се хибридните закани. Најдобриот начин за борба против дезинформациите, лажните вести и останатите хибридни закани е токму високата доверба на граѓаните во демократските институции. А, таа доверба се заслужува само преку одговорна политика и бескомпромисна борба со оние кои ги кршат законите, независно од нивната функција и моќ. Ако не сме сите еднакви пред законот и ако политичката власт се користи за личното, а не за јавното добро, таквата држава нема перспектива“, додаде Пендаровски.

Во обраќањето тој потсети дека годинава станавме 30-та членка на НАТО и рече дека членството е резултат на волјата на големото мнозинство наши граѓани, како и на залагањата на повеќе парламентарни состави и влади во изминатите три децении.

„Полноправното членство во НАТО немаше да биде возможно без напорите во континуитет и професионалниот однос на сите припадници на Армијата, без луѓето кои секогаш се главната динамична сила на интегративниот процес. Нашето членство е резултат на темелните одбранбени реформи, личната посветеност на храбрите жени и мажи во нашите вооружени сили, и нивното учество во ризичните мировни мисии во светот“, нагласи Пендаровски.

Рече дека во остварувањето на нашата стратешка цел секогаш ја имавме и конзистентната поддршка од државите членки, а меѓу нив, посебно место има поддршката од Соединетите Американски Држави, па затоа денес ја одликувал со Орден за воени заслуги Канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави.

„Орденот е симболичен израз на благодарноста на македонските граѓани кон Соединетите Американски Држави и пријателскиот американски народ за сета поддршка во сите изминати децении“, истакна претседателот.

Пендаровски денеска со Орден за воени заслуги одликувал и две единици на Армијата кои зад себе имаат забележителни резултати.

„Покрај нивниот ангажман во мирнодопски услови во земјата и во меѓународни мисии, овие две единици и во услови на прогласена вонредна состојба даваа голема поддршка на другите институции, особено на министерствата за здравство и за внатрешни работи и на единиците на локалната самоуправа“, додаде Пендаровски.

Неговата врвна политичка заложба како Врховен командант, а тоа го очекува и од новата влада е во следните години да се оствари зацртаната цел за вложување на најмалку 2% од БНП во модернизацијата и развојот на Армијата.