Пендаровски и Заев: Нема преговори за македонскиот јазик и идентитет

0
55

Ниту се преговара, ниту ќе се преговара за евентуалните барања на Бугарија да се признае дека македонскиот јазик и народ се со бугарски корени и нема повлекување од црвените линии, изјави денеска претседателот на државата Стево Пендаровски, по седницата на Советот за безбедност.

Тој и премиерот Зоран Заев дадоа свој коментар по денешното пишување на „Политико”. Овој бриселски медиум објави дека е постигнат компромис според кој официјална Софија ќе го признае македонскиот идентитет и македонски јазик, а за возврат Скопје ќе признае дека идентитетот и јазикот имаат бугарски темели. Со тоа ќе овозможи официјален старт на преговорите нашата земја за членство во ЕУ.

-Тоа што можам категорично да го повторам е дека нема отстапки и нема, ниту ќе има преговори за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, нагласи Пендаровски.

-Се согласувам со претседателот Пендраровски дека нема преговори за идентитетот и јазикот. Бугарија ја признава реалноста и верувам дека работните групи ќе најдат решенија, нема нов договор, нема анекс на договорот, изјави премиерот Зоран Заев.

Заев рече дека тој нема нови информации, ниту има информација во врска со тоа што е напишано во „Политико”

-Од тоа што е пренесено, важно е дека се пишува оти ќе има прва меѓувладина конференција со ЕУ до крајот на годинава. Тоа што е неприфатливо, секако е доколку се размислува дека македонскиот јазик има бугарски корен. И јас немам нови информации. Но можам да потсетам на преговорите со Грција. Таа го призна нашето право на самоопределување и јазик. Бугарија ја признава реалноста и верувам дека работните групи ќе најдат решенија. Очекувам од бугарските лидери да бидат до крај конструктивни. Повторувам, нема нов договор меѓу двете земји, нема анекс на договорот. Имаме успех во одржувањето на состаноците на комисиите, најдени се решенија за 5 историски личности и периоди, водиме грижа еден за друг како земји, мислам дека така се гради пријателство, рече Заев.