Претседателот на државата, Стево Пендаровски, напладне во вилата „Водно“ му го предаде мандатот за составување нова влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Церемонијата се одржа кога Заев, во име на коалицијата ‘Можеме’, која има освоено најголем број пратенички мандати во Собранието, го информирал вчера претседателот Пендаровски за преговорите со повеќе партии за обезбедување на неопходното мнозинство во Собранието за избор на влада.
„Врз основа на член 84, став 1, алинеја прва, а во согласност со член 90, став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и предлогот на коалицијата ‘Можеме“, за мандатор за состав на влада на Република Северна Македонија го определувам Зоран Заев, претседател на СДСМ и пратеник во Собранието на Република Северна Македонија“, изјави претседателот Пендаровски.
„Чест и одговорност ми е што во согласност со Уставот како предводник на СДСМ и коалицијата ‘Можеме’, денеска, од страна на претседателот Пендаровски го добивам мандатот за нова демократска, европска влада, со институции што подобро ќе им служат на граѓаните“, рече Заев. Тој најави дека во рок од 20 дена ќе изготват програма и ќе направат обид за составување стабилна влада.