Помалите коалициони партнери повеќе сркаа или пак сечеа на работната вечера кај Ковачевски?

98

Ќе се проширува ли владеачкото мнозинство и како ќе изгледа составот на евентуалната нова – реконструирана Влада. Ова се очекуваше да биде главно на менито на работната вечера која синоќа ја организираше премиерот Димитар Ковачевски со лидерите на помалите коалициски партнери.

Кој со лажица, кој со виљушка, кој со нож, го дочекал јадењето подготвено по неодамнешната седница на Централното претседателство на Алијанса за Албанците (АА) и најавите дека ќе формира комисија која што би преговарала за влез во Владата.

Од Алтернатива која е во Владата сметаат дека нема потреба да се преговара со Алијанса за Албанците, оценувајќи дека улогата на оваа партија во Владата би била „да го амортизираат расколот во ДУИ“. Од Алтернатива сметаат и дека е логично оној што е во неволја, да отстапи дел од владините ресори што ги води.

– Логично е тој што е во неволја да биде подготвен да надомести со ослободување на дел од ресурсите што моментално ги води. Сакаме да го нагласиме ова. На Алијанса не и требаат функции за гласање на уставните измени, доколку се искрени во нивната посветеност за ЕУ. Истовремено, не ја прифаќаме тезата дека поради тоа што Алтернатива има помалку пратеници од Алијанса, мора да плати политичка цена со кадровски отстапки, посочија вчера од Алтернатива.

И од Демократскиот сојуз, од каде вчера изјавија дека ќе поддржат реконструкција на Владата само доколку се обезбеди соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници, што е во согласност со Амадманот 6 од Уставот.

– Значи соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта и во другите институции. За тој принцип се залагам. И доколку така се компонира новата влада или реконструирана влада ќе поддржам. Во спротивно не сме подготвени како партија да прифатиме уцени. Таа партија што има проблеми со парламентарната група треба да ја плати цената. Сега ДУИ има шест министерски места. Ако сака нов партнер, тогаш треба да отстапи две места, изјави Павле Трајанов.

Тој додаде дека нема ништо против Алијанса, но дека се залага за почитување на принципите и на Уставот и дека не треба да се прават преседани.

По вечерата премиерот Ковачевски на Фејсбук објави дека се разговарало за активностите што треба да се преземат годинава.

– Во пријатна атмосфера разговаравме за активностите во претстојната 2023 година, за мерките и политиките на Владата за справување со глобалната енергетска криза, економскиот развој и енергетската транзиција, за имплементација на владината програмата, реформите за европскиот пат и чекорите за обезбедување европска иднината на државата, напиша Ковачевски на Фејсбук.

Претходно, во изјава за медиумите дадена по посетата на фабриката „Метро“, Ковачевски рече дека разговарал и дека ќе разговара со коалициските партнери за теми кои се значајни за работењето на Владата.

– Имам разговарано и со партијата Алтернатива, односно со нејзиниот претседател, бидејќи имаме редовни состаноци, меѓутоа немаме разговарано за детали за влегување на нов партнер во Владата, бидејќи такви детали не се разговарани со потенцијален нов партнер. Тоа исто така ви го потврди и претседателот на Алијанса, дека сме политички партии, вклучително и Алијанса за Албанците, кои сме за продолжување на европскиот пат на државата, меѓутоа во однос на конкретни разговори за програмски и кадровски детали немаме разговарано, рече Ковачевски, додавајќи дека доколку има такви разговори, тогаш ќе бидат консултирани и ќе разговара со коалициските партнери во Владата.

Ќе има ли нови работни вечери и дали повеќе ќе се срка отколку што ќе се сече, засега е непознато. Познато е само дека во Македонија има се погладно население кое бара брзи, одговорни и соодветни реакции од Владата.