Посветено на големите Делчев и на Прличев

0
117

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Оваа недела е недела на двајцата македонски великани Гоце Делчев и Григор Прличев. За момент нека запрат сите наши секојдневни предизвици и да им посветиме должно внимание и почит на овие Македонци!

Првиот, Делчев (1872–1903) е ученик на вториот, станувајќи револуционер од народен македонски карактер. Ист онаков, како што го опишувал јунакот неговиот учител во поетскиот занес. А тој пак, Прличев е пред сè преродбеник и поет (1830–1893) овенчан со лаворов венец за најдобра поема во 1860 г., токму во Атина, седиштето на грчкиот крал. И Делчев и Прличев делуваат во едно балканско, матно време, што влијаело на нивната свест и судбината. При сета драма во нивните животи тие изразуваат една типична македонска филозофија на опстанок во нивното време. Поаѓајќи од ова, сè појасна станува и определбата дека Г. Прличев е охриѓанец, а Г. Делчев кукушанец, османлиски поданици, едниот грчки воспитаник и егзархиски воспитувач, другиот пак, егзархиски воспитаник и уникатен македонски револуционер, а двајцата се ненадминати македонски родољубци и општественици.

Прличев пишува романтичарски и болно, борбено и со нови занеси, наспроти актуелните големци и моќници на црковната и на политичката власт. Тој е и критичар на моралните аномалии во неговото време и место, истакнувајќи дека е „непријател бескомпромисен на измамата и лошотијата, пресметувајќи се со „сè во светот и со глупостите“ и со моралниот џган.

Заслугата пак, на Гоце Делчев, бездруго, највеќе се огледа во фактот што успева бунтовната стихија на македонскиот народен гнев да ја скроти и упати низ логиката на организираната револуционерна акција. Тој многу повеќе одошто Прличев, ја разбрал приказната за Прометеј, делувајќи според мудроста, колку си поблизок до мајката Земја (Геа; народот) толку поголема станува силата на дејствувањето!

Нека им е вечен споменот на Делчев и на Прличев!