Потсетување: Со апели не се прават добри проекти за асални патишта во Македонија

125

Доцнење во изградбата и во реконструкцијата стана прва асоцијација за македонските патишта на кои има градежен зафат. Практично, скоро и да нема делница којашто почнува да се гради и реконструира, а работите да се завршат во предвидениот рок.

Продолжувањето на роковите на автопатот Кичево – Охрид стана историско; ова почна да го следи и автопатот Скопје – Блаце; за реконструкцијата на делницата Катланово – Петровец веќе никој не знае кога ќе заврши… Што ќе биде, пак, со градбите кои допрва треба да почнат како што се Тетово – Гостивар, Гостивар-КичевоТребениште-Струга-Ќафасан, како и патот Битола-Прилеп… кој знае…

За доцнењата изведувачите и надлежните од Министерството за транспорт и врски често ги обвинуваат проектантите. Односно, излегува дека на теренот излегле проблеми, дека проектот не е добро направен, дека се појавиле проблеми со неговата изведба… Па, настанува застој во работите, потреба да се коригира проектот, да се бараат дополнителни средства за нови непредвидени работи… 

Неретко, проблеми настануваат и на веќе направените патишта од причина што почнале да се појавуваат одрони, лизгање на земјиштето, пукнатини во асфалтот… Директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми вчера ги повика проектантите да внимаваат како ги проектираат патиштата.

-Ние како институција која сме задолжени за изградба, реконструкција, рехабилитација и управување со патиштата, се соочуваме често и со проблемот во косините кој ни се појавува во проектите и изградбата на патиштата. Па, токму затоа на овој настан сакам да го потенцирам проблемот во изработка на проектна документација во делот на косините кој се јавува при реализација на проектите. Сметам дека во иднина е потребно сите учесници при изработка на проектните документации максимално да се посветат со цел да постигне повисоко ниво на квалитет на проектната документација, особено во делот на проектирање на косини, рече Рустеми.

А каква е пак изведвата и квалитетот на градежните работи не беше споменато. Зарем тука нема фалинки? Очигледно е дека многу инволвирани во градењето на патиштата во Македонија не си ја дозавршуваат работата како што треба.

Го контролира ли тоа некој сериозно или вака преку медиумите скапо платените надлежни служби апели ќе праќаат?