Повторно за македонското прашање, а кажано пред еден век

45

Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:

Одлуките на Првото заседание на АСНОМ (2.8.1944) во суштина беа одговор на македонското прашање, актуелно во балканскиот историски и геополитички контекст скоро еден век. За жал, современата политичка хронолигија го бележи фактот на негирање на о д г о в о р о т  и повторното отварање на македонското прашање на бескрупулозен начин, заради „нашите“ внатрешнополитичките мечти кон западноевропска иднина!

Уште пред стотина години големите европски држави се определија да не го решат македонското прашање врз народносен (национален) принцип, туку единствено како територијална варијабла. За ова сведочи и ирскиот новинар и политички активист – Џејмс Дејвид Барчија (James David Bourchier), во статијата со наслов Македонското прашање, што ја објавил во весникот „Манчестер гардијан“ на 30 јули во 1919 г., констатирајќи „конспиративна тишина“ по македонското прашање на Париската мировна конференција. Тој соопштува дека територијалните прашања во врска со Македонија останале исти – биле потврдени решенијата од Букурешкиот договор (1913). За разлика од овие официјални политики на европските големи држави, седум години по Версајските договори, голем дел од нивните демократски и напредни претставници и интелектуалци, искажуваат сосема спротивни ставови и размислувања за македонското прашање. Сето ова е документирано во зборникот: „Македонското прашање во документите на Коминтерната: ВМРО (Обединета)“, т.2, дел 1: 1925 – 1928, Скопје, 2021 г., од В.Поповски, Л. Жила и други.

Еве,  две-три одломки од овие искажувања (пред сé француски), кои се прилично современи и со политичката зрелост ги надминуваат денешниве конзервативни, асимилаторски и безобѕирни  настапи и наративи на нашите соседи и на нивните европски заштитници (алијас ЕУ). Така, францускиот политичар и новинар, Даниел Рену (Daniel Renoult, 1880 – 1958) на почетокот на 1926 г. запрашан за мислење околу идејата за „Балканска федерација“, истакнал: „самата идеја за федерација е катастрофална за Версајскиот договор, како и за Нејскиот, Тријанонскиот и други договори. Овие договори, кои се повеќе понижувачки од оној што го потпишаа во Виена во 1815 г. автократите од Светиот сојуз, завршија со груби и историски неправди, создавајќи почва за народни незадоволства. Најлошото од сé е забраната на Македонија да постои како единица, која би претставувала одделен народ. Македонскиот народ е разделен на делови меѓу Бугарија, Србија и Грција. Така, оваа неправедливост, која вика кон небото, беше извршена, да не заборавиме, со согласноста или благодарение на кроткоста на западните демократи и меѓусојузните социјалисти. Посебно последниве, кои кон крајот на војната, беа прокламирале дека народите се борат за национални права (…) Но, тоа немаше вредност да ја осигури независноста на несреќниот македонски народ, кој со години ја бара со оружје во рака. Тоа е факт!…“

Во исто време и белгискиот новинар, писател и политичар Луј Пјерар (Louis Firmin Joseph Piérard, 1886 – 1951), нагласил: „во договорите, кои го уредуваат статусот за балканските територии, постојат нешта што се, така да се каже, награда за поттикнување на војните. Мислам, посебно за поделбата на македонското население меѓу трите различни држави. Не е ли доволен, впрочем примерот со Полска, која со векови беше распарчена?…“

Карактеристично е и размислувањето на Анри Герну (Henri Guernut, 1876 – 1943)  француски интелектуалец, еден од основачите на Интернационалната федерација за правата на човекот. Тој истакнал: „Вие го сакате моето мислење за Македонија. Тоа е едноставно: мир на Балканот ќе има само кога ќе се реши македонското прашање. Доколку се сака Македонците да бидат коректни во односот кон своите соседи, треба да се почитува законот за праведноста најнапред во однос на нив. Тие сакаат Македонија да биде автономна. Тоа е нивно право и наш долг е да им го дадеме тоа право (…) би било многу полезно за балканските државички, уште денес, да склучат меѓу себе договори слични на тој во Локарно [формално потпишан на 1.12.1925 г., б.н. ], преку кои ќе се заложат за арбитрарно разгледување и надминување на своите евентуални конфликти…“.

Сето ова е само еден мал дел од народната содржина, од обемната историја на македонскиот народ, исправен деновиве пред бројни негирања, фалсификувања и ароганција од внатрешен и надворешен политички карактер. Борбите на македонскиот народ за самостоен и слободен живот, претствени и протолкувани од националната историја се најсилното оружје и во сегашниот момент!