Притвор за скопјанец кој со закана со нож ограбил аптеки

349

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против едно лице осомничено дека сторило две кривични дела разбојништво.

Осомничениот 38-годишен скопјанец на 10 септември влегол во аптека на улицата Васил Главинов во Скопје и на вработената ѝ се заканил со нож барајќи да му ги даде парите од дневниот промет. Потоа се упатил кај касата, од каде што одзел 4.430 денари и побегнал.

На 14 септември, пак, на истиот начин одзел 16.500 денари од аптека на булеварот Св. Климент Охридски. Потоа се обидел да ѝ го одземе и мобилниот телефон на вработената, која се спротивставила и дала отпор со туркање. Осомничениот дел од парите од дневниот промет ги извадил од металната каса на аптеката, а дел од картонска кутија во магацинскиот дел на аптеката, а потоа побегнал.

Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, како и основан страв дека лицето би можело да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и оштетените или да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.​