
Кањонот Матка е пример како прекрасна природа може да биде уништена од човечка негрижа. Сега власта планира да ја прогласи за споменик на природата, ќе се определи начинот на управување… Зарем до сега без законот не можеа голем дел од работите да ги средуваат и штитат?
Скопјани кога сакаат да се пофалат со некоја природна убавина секогаш во првите три работи ја набројуваат и Матка. Природата дала, но луѓето, особено оние што се платени да го надрградува тоа, не прават скоро ништо… напротив дури и растураат.
А Матка на едно место има и прекрасни пештери, езеро, река, планини, уникатен жив свет, прекрасни цркви… но се е полузапуштено, нагрдено, избербатено… Сега се подготвува посебен закон со кој Кањонот Матка ќе се прогласи за споменик на природата, ќе му се определи категорија на заштита, ќе се зонира заштитеното подрачје, ќе се определи начинот на управување… Зарем без законот не можеа работите да ги средуваат и штитат?
Катастрофален пат до таму, преплн со отпадоци, сообраќајни гужви, многу дивоградби, нелегални платформи на најубавите места… сето тоа денеска ја „украсува“ Матка. А закони и прописи и до сега имаше доволно, но не се спроведуваа како што треба и оваа природна убавина си има се повеќе лузни од негрижата.
– Многу ја сакам Матка, но одамна не сум ја посетила бидејќи последниот пат кога бев, кај црквата Св. Андреа, се разочарав од несобрано ѓубре, шут, пластика, кеси и сл. Матка не се одржува. Не е заштитена од дивоградби кои веднаш треба да се урнат без оглед на тоа чии се. Треба да се забранат било какви градби, сечење дрвја, треба да се направат и обноват пешачки патеки. Целиот локалитет мора да добие строга заштита бидејќи е уникатен, смета граѓанката Лидија Спасеноска.
Но, додека се чекаат промените коишто треба да ги донесе примената на законот кој не се знае кога ќе се донесе, проблем е и како воопшто да се стаса до Матка. Да се поминат десетина километри пат од излезот од Скопје преку Сарај и Глумово е вистинска одисеја. Стотици длабоки дупки, откорнат асфалт, камења, вдлабнатини… Проблемите почнуваат веќе од патоказната табла, а се зголемуваат како што се доближувате до локалитетот. Патот е таков со децении. Поправки имало само на мали делови и со крепења на ударните дупки. Кога ќе има темелна реконструкција на патот по кој идат стотици автобуси со туристи?
-На Матка треба да се обрне поголемо внимание ако сакаме да биде добро туристичко место. Треба првенствено да се асфалтира патот, да се осветли, да се подобри хигиената. Сите тие дивоградби што се во самото езеро да се отстранат. Таа козја патеката што води до црквата Свети Никола Шишевски малку од малку да заличи на патека. Треба и повторно да се постави рампата што беше пред браната.Тоа треба да биде патека за пешачење, ни вели Крсто Богоевски.
Со предложениот закон управувањето со Матка треба да прејде во рацете на Градот Скопје и на општина Сарај кои ќе треба да се грижат за целиот комплекс. Се планира да се формира и посебна чуварска служба при што се планира постојан мониторинг во зоната којашто е под строга заштитата. Но, сето тоа е се уште во плановите. А кога властите прават планово…
И дивоградбите чекаат одлука
Околу три години трае случајот со дивонаправените платформи на езерото во близина на браната и тоа никако да добие епилог. Откако дрско се направија платформите имаше долги натегања меѓу Градот Скопје, општина Сарај и државниот Градежен инспекторат околу тоа кој треба да ги урне. Се подигна и обвиниение против две лица коишто ги направиле, но случајот нема епилог. За жал, се уште не се знае ни колку точно има дивоградби на ова подрачје. Сега се чекало и на новото законско решение за легализација на дивоградби кое го предложи Владата. А тоа значи дека многу од нив можат и да останат…