Протест и блокади на крстосници против поскапувањето на струјата

0
72

Граѓаните кои се незадоволни од неодамнешното покачување на цената на електричната енергија денеска го започнаа трети по ред протест во централното градско подрачје.

Организаторите на протестите вечера најавија дека денеска во период од 14 до 16 часот ќе бидат блокирани крстосниците кај трговскиот центар „Мавровка“ и кај ТЦ „Палома Бјанка“ во центарот на градот.

-Со оглед на тоа што Републичка комисија за енергетика и Владата до денес не одговараат на барањата на граѓаните, Скопскиот протестен совет, поддржан од Полицискиот сојуз, Синдикатот за образование, Конфедерацијата на синдикатите и други граѓански здруженија и невладини организации, одлучија да продолжат со мирни протести против зголемувањето на цената на електричната енергија. Но овој пат без говори, но со блокади на крстосници, и тоа по моделот 2 крстосници по 2 часа, а потоа 4 крстосници по 4 часа итн, се вели во најавата за протестот во Скопје.

Минатиот петок протестирачкиот одбор побара РКЕ веднаш да ја поништи одлуката за покачувањето на струјата, да се намали цената за 46 проценти, намалување на ДДВ од 18 на 5 отсто, распуштање на РКЕ, но и да се формира независно арбитрарно тело во служба на граѓаните за да се провери квалитетот на енергетските услуги.

Протести се најавени и во Тетово, Прилеп, Кичево и Битола.