Протест на вработените во британската кралска куќа во замокот Виндзор

0
294

Вработените во британската кралска куќа ретко протестираат, но во вторникот тие се собраа против планираното намалување на бројот на вработени пред една од главните резиденции на британската кралица Елизабета – замокот Виндзор, објави нивниот синдикат.

Синдикатот ПЦС на „Твитер“ објави фотографии од вработените кои протестираат против намалувањето на пензиите и отпуштањата пред главниот влез во дворецот.

ПЦС објави дека 200 вработени се вишок, а се планираат и кратења на пензиите. Вработените одржаа тивок протест со исечената фигура на кралот Хенри VIII.

„Кралот Хенри сечеше глави… сега тие сакаат да ни ги исечат работните места и пензиите“, пишуваше на транспарентот.

На помалку платените вработени во три кралски резиденции – замоците Виндзор, Бакингам и Холирод – им се намалени уплатите во пензиските фондови од 15 на осум проценти.

Фондацијата, која управува со замоците и 600 вработени, потврди дека се обидува да ги намали трошоците поради последиците од пандемијата.