Прво дадоа лоша наредба за регистарските таблици, а сега се фалат дека го смениле тоа за доброто на граѓаните

102

Конешно реагираа од МВР за регистарските таблички. Значи можело. Наместо да менуваат комплетни регистарски таблички, наместо граѓаните да плаќаат по 1.400, 1.500 денари и да се малтретираат со менувањето на документите возачите во Македонија со налепници ќе ја задоволат наметната обврска на нив да имаат ознака НМК.

Сето тоа ќе биде десетици пати поевтино, што за жал не им текнало во владините и круговите на МВР кога решиле дека мора да се сменат таблиците на возилата. 

По нешто повеќе од три месеци откако Владата и МВР ја шокираа јавноста дека до 12 февруари вгодина мора да се сменат сите таблички коишто ја немаат ознаката НМК и дека за тоа ќе треба да се плати најмалку 1.400 денари, сега се донесе сосема спротивна одлука. Во меѓувреме, во јавноста имаше бран на реакции на незадоволни граѓани. „Скопско ехо“, коешто ја отвори темата и праша – зошто граѓаните треба толку скапо да плаќаат кога промената може да се направи со значително поевтините налепнци, пренесуваше нивни бројни реакции.

– Со 50-100 денари за налепница се ќе се заврши, нема потреба од целосно менување. Само една маркица нека ни дадат ќе си ја залепиме и толку поевтино нема, пишуваше пред извесно време граѓанин на нашата Фејсбук страница

Друг постави прашање зошто табличките не се бесплатни бидејќи граѓаните веќе еднаш платиле за нив и кои се сега во нивна сопственост.

-Зошто не се без пари табличките? Народот не бараше да се смени името, напротив 80 отсто од луѓето не беа да се смени името на државата. Сега државата нека ги менува сите документи на нејзин трошок, напиша една граѓанка.

Во прилог на оваа одеа и примери од соседните држави со кои во употреба на возилата на нивните граѓани има таблички од најразлични временски периоди, а за кои нивните држави не побарале да ги сменат. На социјални мрежи се појави и петицијата со која се укажува дека според член 3 алинеа Д од Преспанскиот договор, треба да се смени само ознаката на регистарските таблички и да биде „НМ“ или „НМК“.

-Никаде не пишува дека треба да се сменат таблиците. Стоп за непотребното ограбување на граѓаните, се потенцираше во објавата.

По бранот на реакциите министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски најави дека е формирана работна група којашто треба да предложи конкретно решение, а во игра било и ставњето на налепниците. Тоа, според него, ќе биде во интерес на граѓаните.

И конечно, Владата завчера објави дека решението ќе биде со ставање на поевтините налепници, односно, дека, како што најави Спасовски, тоа е „во интерес на граѓаните“.

Меѓутоа, прашањата коишто сега логично се наметнуваат се врзуваат за тоа дали Владата и МВР воопшто мораа да им наложат да граѓаните да мораат да ги менуваат табличките? Не можеше ли уште тогаш да се размисли и да се сфати дека налепниците може да бидат прифатливо решение, а не од граѓаните да се бара да плаќаат најмалку 1.400 денари за промената? Или, некому му беше планот во државниот буџет да се инкасираат повеќе од десетина милиони евра од сопствениците на автомобилите?

Да се водеше сметка за тоа на време немаше граѓаните на коишто им истекуваа регистрациите во овие последни месеци да се стават во ситуација да не знаат дали да плаќаат за менувањето или да ги продолжуваат старите таблички… Но, за тоа не се водеше сметка. Оттаму, не може сега ваквата одлука за воведувањето на налепниците да се продава како нешто што е направено во интерес на граѓаните. Ако се сакаше да биде во нивен интерес, ќе се направеше уште на почеток, а не по бранот на нивните реакции. A да не зборуваме и за тоа дека не требаше воопшто да се смени кодот МК во НМК.