Светската здравствена организација и руските власти разговараат за процес на евентуална проверка на безбедноста и ефикасноста на новата вакцина против ковид-19 одобрена од Русија, соопшти денеска портпаролот на СЗО.
Претседателот Владимир Путин во вторникот изјави дека Русија стана првата земја во светот што дала регулаторно одобрение за вакцината против ковид-19 по помалку од два месеци тестирања на луѓе, што Москва го поздрави како доказ за вештината на руските научници.
Русија својата прва одобрена вакцина против ковид-19 ја нарече „Спутник V“ за странските пазари, по првиот светски сателит, а Москва тоа го смета за успех бидејќи е првата земја што одобрила вакцина, изјави во вторникот високиот функционер.
„Ние сме во близок контакт со руските здравствени власти и во тек се разговори за можна проверка на безбедноста и ефикасноста на вакцината во рамките на СЗО, но овој процес вклучува ригорозен преглед и процена на сите потребни податоци за безбедност и ефикасност“, рече портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ, на брифинг на ООН во Женева, осврнувајќи се на клиничките испитувања.
Регулаторните тела низ целиот свет тврдат дека напорите што побрзо да се добие вакцина нема да бидат на штета на безбедноста на вакцините.
На руските здравствени работници ќе им се понуди доброволно да се вакцинираат.
Повеќе од 100 можни вакцини се развиваат низ целиот свет за да се запре пандемијата на ковид-19. Најмалку четири се во последната, трета фаза на испитувања врз луѓе.