Само ветарот му помага на Скопје, Владата и градските власти подзаборавија на загадувањето

38

Скопје е пак загаден град а тоа предизвикува и зголемена смртност. Очигледно, не се  превземени сите мерки што ги најавуваа Владата и градот Скопје, смета граѓанинот Ерко Хасанбеговиќ

 Неколкудневен ноемвриски малку постуден бран надополнет со утрински магли беше доволен Скопје одново да е високо на светската ранг-листа на градови со прекумерно загаден воздух. Се работеше ли минатиот период на решавање на овој тежок проблем?

Обврска за тоа ја имаат како локалната скопска власт така и централната Влада. Тие и даваа многу бетувања дека ќе работат на „темата“. Ама…

– Скопје е пак загаден град а тоа предизвикува и зголемена смртност.Очигледно, не се превземени сите мерки што ги најавуваа Владата и градот Скопје. Би било добро да го исполнат тоа што го ветиле. Со почист воздух ќе се даваат помалку пари за лекувања. Инаку, сите треба да го направиме своето за чиста средина, вели граѓанинот Ерко Хасанбеговиќ.

А ветувања имаше многу. Пред три години властите донесоа голем План за чист воздух со кој се предвидуваше до 2020 година загаденоста на воздухот во Скопје да се намали за 50 проценти, се најавуваше дека 20.000 домаќинства ќе ги заменат нееколошките печки по домовите, 20.000 домаќинства ќе набават инвертер уреди за затоплување, 10.000 домаќинства ќе ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3.000 домаќинства да се приклучат на гас, 2.000 социјални семејства да добијат субвенции за да го сменат начинот на греење, 10.000 домаќинства да се приклучат на системот за парно греење, воведување на еколошки налепници за возилата, дислоцирање на диви населби од двете страни на Вардар, зајакнати контроли по индустриски капацитети и градилишта… Но, од овој план малку што се направи. Исто како што сега се чека скопската градоначалничка Данела Арсовска да ги исполни ветувањата за бесплатен градски превоз, пет нови мегапаркови и нови зелени острови, гасификација во секој дом и град без депонии, 250 нови еколошки автобуси и посебна лента за јавен превоз, засадувањето на 100.000 нови дрвја…

-Високото место на светските листи се должи исклучиво на непреземање на никакви мерки. Нема стратегија, има неодговорност, дури и службите за хигиена самите создаваат диви сметлишта. Сега и министерот за екологија ни се заканува дека топланите ќе работат на дизел иако гас има да се купи. Во новиот Закон за животна средина, наместо да се зголемува глобата за загадувачите, тие се уште ,,повластени”. Ургентно ни треба набавка на гас за топланите, гасификација, пречистителна станица…, смета Жаклина Мијалковиќ Анастасова.

Во наредниве зимски месеци ќе се види дали загадувањето ќе биде уште полошо и што ќе се преземе. Дел од граѓаните сметаат дека сега веќе е и доцна да се преземаат некои мерки кои би имале брз ефект, но е добро да се прават барем за следните години..

– Доцна е за оваа година. Мерките треба од сега за следната година да се преземат. Сега треба да се истурка некако оваа за нас граѓаните навистина тешка зима. Владата го пропушти тајмингот за оваа зима нешто да преземе, смета граѓанинот Миле Јанкулоски.

Значи, останува да чекаме, а и да се надеваме дека ветерот ќе дува посилно па ќе го растерува загадениот воздух.

Прво воздухот па водите

Митко Николов пак смета дека погрешно се поставени приоритетите.

-Трошење на 160 милиони евра за прочистителна станица за отпадните води на Вардар не е приоритет. Приоритет е чист воздух оти загадениот е фатален за луѓето. Прво воздух па потоа водите. Ургентна мерка е класичен трамвај со кој ќе се добие чист превоз, а ни треба и селекција и рециклажа на отпад со што градот ќе се исчисти. Инаку, односот Влада – Скопје е дел од декорот на неодговорни  луѓе на одговорни места, смета овој граѓанин.