СДСМ: Со “Акција 21” отвораме можности за искористување нови економски потенцијали

0
39

Стратешката рамка “Акција 21-европски стандарди дома”, на Владата предводена од СДСМ во десетте приоритети ја врамува економијата со можности за нови економски потенцијали, соопшти СДСМ.

„ Светските и европски стандарди ги носиме дома и преку индустријата за одгледување канабис за медицински цели и за производство на продукти од оваа билка. Канабисот е една од најдинамичните индустрии во светот. Покрај придонесот во лекувањето на одредени болести, оваа индустрија во нашата земја веќе отвора илјадници добро платени работни места.

Со донесување на законски измени во Собранието, ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели коишто ќе поттикнат нови инвестиции, развој и нови високо платени работни места за нашите граѓани. Според проценките, годишниот прилив на средства од оваа дејност е предвиден на околу 250 милиони евра.

Како следен приоритет во “Акција 21” се постапките за измени или дополнувања на Законот за данок на имот, на законските можности за легализирање на автомобилите со странски таблички, како и за можностите за стимулирање и погодности за ставање во функција на кеш парите коишто граѓаните ги чуваат дома или на парите од заштеда или добивка.

Ставањето на парите од таканаречениот „мртов капитал“, коишто се чуваат на несигурни места во домашни услови, ќе донесе добивка за граѓаните, раздвижување на финансискиот пазар, нови инвестиции, а истовремено и можности за нови работни места.

Следува и приватизација на државното земјоделско земјиште, согласно строго утврдени критериуми. Според анализите, земјоделското земјиште по пазарни цени што е во државна сопственост вреди повеќе од 2 милијарди евра, а се очекува прилив од 200 до 300 милиони евра или 10 до 12% од тоа што би се продало согласно интересот на граѓаните и на домашните компании.

Иполнувањето на “Акција 21” е наш мотив да работиме да продолжиме европските стандарди да ги спроведеме во секој сегмент од секојдневното живеење“ велат од партијата.