Сè поголем број деца со хепатитис, научниците сметаат дека причината е аденовирус

306

Бројот на пријавени случаи со хепатитис кај мали деца во светот е 169, а едно дете починало. Само во Велика Британија 114 деца се разболеле, а 10 ќе мора да одат на трансплантација на црниот дроб, пишува Би-би-си.

Британската организација за здравствена безбедност вели дека најверојатната причина за хепатитис кај децата е сојот на аденовирус наречен Ф41.

Повеќето болни деца се на возраст од пет години или се уште помали и имале симптоми на гастроентеритис – дијареја и гадење, а потоа следува жолтило на кожата и очите, што значи проблеми со црниот дроб.

Доктор Мера Чанд од УКХСА вели дека информациите собрани од нивното истражување сè повеќе сугерираат дека зголемувањето на ненадејниот почеток на хепатитис кај децата е поврзано со аденовирусната инфекција. Но, тие исто така темелно ги истражуваат другите потенцијални причини.

Случаите на воспаление на црниот дроб, познати како хепатитис, се исклучително ретки, но може да бидат многу сериозни. Научниците и лекарите сега истражуваат дали има промена во генетскиот состав на вирусот што може полесно да предизвика воспаление на црниот дроб.

Професорот Калум Семпл, специјалист за заразни болести на Универзитетот во Ливерпул, вели дека аденовирусот практично исчезнал за време на појавата на коронавирусот и сега се вратил. Тој вели дека се истражуваат и други хипотези, вклучително и дали неодамнешната инфекција со Ковид-19 може да биде поттик за проблеми со црниот дроб заедно со аденовирусот.

Некои од симптомите се замор, губење на апетитот, болки во стомакот, пожолтување на кожата, темна урина, сива столица, чешање на кожата, болки во мускулите и зглобовите, треска.

Основните хигиенски мерки, како што е темелно миење на рацете, помагаат да се намали ширењето на многу инфекции, вклучително и аденовирус.

Експертите велат дека децата со симптоми на гастроинтестинална инфекција, кои вклучуваат дијареја и повраќање, треба да останат дома и да не одат на училиште или во градинка до 48 часа по престанувањето на симптомите, пишува Би-би-си.