Шахпаска: Со отворањето на градинките, мерките за отсуство од работа ја изгубија својата смисла

0
51

Со отворањето на градинките мерките за отсуство од работа на родителите и за продолжено породилно отсуство ја изгуби својата смисла, изјави министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Таа оцени дека одлуката на Владата за враќање на родителите на децата од нула до шестгодишна возраст на работа од 23 септември е логична и очекувана, со оглед на тоа што градинките и центрите за ран детски развој од 9 септември се отворени и имаат капацитет да ги примат децата.

https://youtube.com/watch?v=iZZreeudEWA%3Ffeature%3Doembed

Таа нагласи дека според Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување деца, градинките имаат капацитет и можат да згрижат уште деца, а целосното спроведување на Протоколот го сведува на минимум ризикот од ширење на коронавирусот.

„Нашите анализи покажаа дека согласно Протоколот градинките во државата имаат капацитет да примат 19.000 деца, а интерес досега покажале родители на 14.555 деца. Притоа, морам да нагласам, дека и дел од родителите што веќе ги пријавија децата, изминатата недела не ги носеа во градинка. Од тие причини Министерството за труд и социјална политика достави допис до градинките да ги проверат родителите и да утврдат дали тие деца ќе доаѓаат во градинка“, кажа министерката.

Таа повтори дека приоритет за згрижување во градинка ќе имаат децата на самохраните родители и децата на двајца вработени родители.

Од тие причини, вели таа, потребата на родителите да не одат на работа е беспредметна.

Во однос на одлуката за прекинување на продолженото породилно отсуство, министерката Шахпаска оцени дека со отворањето на градинките и оваа мерка ја губи смислата.

„Тие родители ги чуваа своите дечиња затоа што градинките не работеа. Градинките веќе се отворени и затоа на вчерашната владина седница беше донесена одлука родилките кои ја користеа мерката за продолжено породилно отсуство да се вратат на работа“, додаде Шахпаска.

Во врска со родителите на децата од шест до 10 години, министерката Шахпаска потенцираше дека овие родители со уредба на Владата од 7 јули веќе се вратени на работа и се активни во работниот процес и тоа во услови кога не функционираа ниту градинките, ниту училиштата.

„Нагласувам дека ние како Влада будно ги следиме состојбите и сите одлуки ги носиме врз основа на темелна анализа, со вклучување на повеќе ресорни министерства, со сите чинители на општеството. Државата мора да функционира, системот треба да работи, економијата мора да се движи“, додаде Шахпаска.