Шефот на ОН повика на итен прекин на огнот при посетата на Москва

0
58

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска во Москва изјави дека во Украина мора да биде прогласен прекин на огнот што е можно побргу.

„Ние сме исклучително заинтересирани да најдеме начини да создадеме услови за ефективен дијалог, да создадеме услови за прекин на огнот што е можно побргу, да создадеме услови за мирно решение“, рече Гутереш пред средбата со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

„Иако ситуацијата во Украина е комплексна и има разни толкувања на она што се случува, можен е сериозен дијалог за она што да направиме за човечкото страдање да биде што е можно помало“, додаде тој.

Гутереш во текот на денот ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, а потоа ќе го посети Киев.

Ова е прва посета на Гутереш на Москва од почетокот на руската офанзива на 24 февруари.

Во Киев остро беше критикувана одлуката на Гутереш првин да ја посети Русија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека не гледа правда или логика во таквиот распоред.

Од почетокот на руската воена интервенција во Украина, ОН се покажаа маргинализирани, а една од причините е што Русија е постојана членка на Советот за безбедност на ОН заедно со Кина, САД, Велика Британија и Франција и нејзината инвазија предизвика криза меѓу оваа петорка.