Шилегов: Постигнат е договор за зголемување на платите на пожарникарите

0
21

По разговорите кои претставниците на Градот Скопје и на Владата ги водеа со синдикатите на скопските пожарникари решен е долгогодишниот проблем со покачувањето на платите на припадниците на бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, изјави градоначалникот Петре Шилегов.

Тој кажа дека е постигнат договор со кој преку измени на правилникот за плати, основната плата на пожарникарите ќе биде зголемена за 20%, согласно со барањата на пожарникарите и добиените судски пресуди.

„Најдовме законска форма овој проблем да биде бајпасиран со потпишувањето на денешниот правилник, до донесувањето на законот. Моето инсистирање, и како градоначалник и како претседател на ЗЕЛС, е дека ние мора да имаме законска форма на решавање на проблемот на пожарникарите на ниво на целата држава, бидејќи ова е едно парцијално решение кое се однесува само на противпожарната бригада на Град Скопје. Овие луѓе секојдневно ги ризикуваат своите животи за да ги отстранат опасностите во кои се наоѓаат граѓаните и таа нивна благородна дејност мора да биде опфатена со целосно законско решение“, рече Шилегов по денешната средба.

Тој додаде дека Градот Скопје нема да застане со опремување на противпожарната бригада и подобрување на условите за работа.

Шилегов појасни дека со усвојувањето на измените на правилникот уште од следниот месец треба да биде покачена основната плата на пожарникарите, а ова привремено решение ќе важи до моментот додека во Собранието не се донесе законското решение кое ќе ги регулира овие прашања долгорочно.