Што велат познати скопјани: Може ли градот да издржи прилив на нови жители?

0
31

Во Скопје сообраќајниот шпиц веќе не е само во термините кога повеќето одат и се враќаат од работа. Цел ден улиците се преполни. Сето тоа е поради фактот дека градот се полни и полни со нови жители. Едноставно, Скопје вакво какво е со оваа инфраструктура одамна важи за пренаселен град.

Во 1914 во Скопје живееле само 47.384 жители, а со пописот во 2002 година беа изброени 506.926 жители. Подоцна, кога на градот беа припоени и општините Сарај и Кондово, се процени дека градот има околу 668.000 жители. Кога на овие бројки ќе се додадат и бројни граѓани кои живет во градот, а се со лични карти од други места низ Македонија јасно е дека таа бројка изнесува и преку 700.000 жители.

За град за кој своевремено се предвидуваше дека треба да има околу 300.000 жители тоа е секако премногу. Повеќе е и од предвудувањата кое го имаше се уште важечкиот Генерален урбанистички план за Скопје во кој е наведено дека градот до 2022 година треба да има 634.200 жители… Се бара ли чаре за ова? 

Што мислат за пренаселеноста и за ширењето на градот, „Скопско Ехо“ веќе подолг период прашува познати скопјани. Еве што велат тие:

Дефинитивно би стопирал секаков вид на градба во догледно време, еве, да речеме, 15-20 години. Целта би била за тоа време да се средат / санираат сите аномалии и пропусти (а ги има премногу и сите ги знаеме кои се ). Откога ќе се средатда видиме дали има простор и место Скопје уште да се шири. Многу е просто и едноставно, но, за жал, парите се приоритет на сметка на здравјето на граѓани, е став е пеачот Владимир Блажевски, попопуларен како „Панчо од ДНК“.

Но, ширењето и зголемувањето на Скопје никако да запре. Десетици и десетици нови згради никнуваат секојдневно, се прават нови ДУП-ови, во градот се бара стан повеќе за купување. Статистички податоци покажуваат дека во градот секоја година се доселуваат по околу 3.000 граѓани од внатрешноста на земјава. Тоа предизвикува и реакции кај посточките жители.

– Дефинитивно треба да се намали бројот на населеници во градот, а просторно не ми е толку важно дали ќе се зголеми или намали, вели диригентка Бисера Чадловска.

И писателот Венко Андоновски во интервју за нашиот весник слично мисли.

-Скопје треба драстично да се намали, првенствено со оние кои во него дошле по партиска задача, ни рече тогаш Андоновски.

– Време да се размислува за затворање на градот и ограничување на жителството во него, кажа пеачот Миле Кузмановски.

Некои веќе и заминуваат од пренатрупаниот град.

-За мене беше пребучно, затоа и си заминав. Сум противник на прекумерна урбанизација особено кога е без план, ни вели познатата алпинистка и ликовен уметник – Илина Арсовска.

Инаку, од избори до избори, никој од кандидатите за скопски или општински градоначалници не го спомнува проблемот со пренаселеноста на градот. Наместо тоа, само се води сметка за градби на нови згради, нови населби и прибирање на пари за градежни комуналии во градска и во општинските каси. А проблемите во градот стануваат се потешки. Проекциите за јавен превоз, за комунална инфраструктура и за се друго брзо „застаруваат“ заради неводење сметка за зголемувањето на градот.

Може ли Скопје да издржи уште бранови на нови доселени жители? Може ли постојната инфраструктура да задоволи волку население?