Смешно е кога некој наместо Скопје ќе рече метропола

0
103

Колумна на Зоран Михајлов:

Ние повозрасните, веќе ни е јасно оти од старото Скопје не остана ништо. Ниту традиционалниот живот, ниту дружењето, ниту мирот, ниту чистотата. За воздухот и не сакам да зборувам, малку по малку тој не загушува и ни го скратува животниот век. Еве, во пролет сме, ама го нема како во минатото оној цветен мирис од дрвата, го немаш она чувство во воздухот оти студените денови се минати и дојде пролетта. Но, што да се прави, урбанизацијата, а посебно сообраќајот го загуши нашето живеење и вдишување на чист воздух. Како во многу области од животот работите се изместени. Не вреди ниту да се споменува што треба и како треба. А, кога некому му се одмилува градот во кој што живее, тогаш станува јасно оти многу работи се „забегани“, а за жал враќање назад нема. Не може да се вратат ниту дрвата, посебно липите кои беа ајде ќе ја употребам и јас таа можеби веќе излитена фраза „белите дробови“ на градот. Но, навистина така беше.

Е, сега некој од помладите можеби ќе се насмее и ќе рече „па што сакаме, ова е ново време, нема да живееме само од спомените на минатото“. Ќе одговорам, не живееме со тие спомени, туку пишувам и за нивно добро – да живеат во една убава урбана средина, а не во град, посебно во Дебар Маало во кое и не може да се помине, а кога одам пешки стравувам да не ми падне и некоја саксија од балконите, кои надвисуваат над тротоарите од начичканите згради. Што е интересно пак и архитектите, некои што беа и на врвни општински и градски позиции, ја критикуваат оваа урбанизација, а забораваат дека и тие имаат – и тоа голем удел, за ова што е денеска така. Но, бегање веќе нема, работата е завршена и останува, ние граѓаните да се снаоѓаме, а во душата да ни минува омразата кон оние што дозволија ова да биде вака…Тие ќе се препознаат, нема потреба да бидат споменувани, а и не заслужуваат -добро ќе биде да паднат во заборав,како воопшто да не постоеле.

Ова беше само еден детал врзан со нашето „урбано „живеење“. За другите работи и не сакам да коментирам, ама пак срцето не ми дава, кога веќе седнав да пишувам да не  споменам за бетонските жардиниери, кои често се претворени во „канти“ за ѓубре, а од некакво цвеќе или друго зеленило абер нема. За жал, таков е случајот и со жардиниерите на тротоарот покрај оградата од дворот на Министерството за култура ! Зарем ова никој од бројните министри што се „изредија“ таму – не го виде. Можеби се прават слепи или пак гледаат само да ја зачуваат фотелјата, а надвор, кој гледа за надвор, кого го засега околината. Гледај да се сместиш удобно во фотелјата и чекај ја високата плата. Кому му е гајле за грдата слика на тротоарот -ти уживај додека можеш. Е, вака ниту град бидува, ниту чистота, ниту убава животна средина ќе има. Смешно е кога, пак, некој наместо Скопје ќе рече метропола!