Со мехатроника почнав да се занимавам уште кога имав 10 години

0
33

Надареноста е среќа, ама без многу работа, храброст и целосна посветеност, не може да се направи нешто значајно, вели 17-годишниот Орхан кој е посветен на роботиката

Тоа дека децата ги привлекуваат играчки со мотори на батерии не треба никому да му се објаснува. Но, кога едно дете, уште од мала возраст, почнува да ги склопува, расклопува, комбинира… тогаш веќе му се знае иднината. А таква е приказната со 17-годишниот Орхан Багашов, средношколец од средното училиште „Јахја Кемал“ во Скопје, кој лани го привлече вниманието на себе како дел од тимот „еБионицс“ кој создаде бионичка рака наменета на лицата кои немаат раце.

Не знам како дошло до тоа да ме привлекуваат иновациите, но откако паметам за себе ме привлекуваат машините. Како многу мал најголемиот дел од времето го поминував пренаменувајќи функции на разни играчки со мотори и батерии. Со мехатроника се занимавам попрецизно од моја 10-та година, а брзо потоа започнав да посетувам и курс по електроника во Народна Техника во Скопје, ни раскажува Орхан.

Оттогаш до сега, за само седум години, Орхан стаса да биде дел од тимот во кој што се уште Тео Китановски, Борис Ноцески, Анамариа Илиева, и менторот професор Иван Чорбев, а кој до сега добил повеќе награди за бионичка рака. Но, основно е тоа што за вакво нешто треба да се има желба, дарба, упорност. Орхан ни вели дека покрај училиштето, целото време и енергија ги посветува на работата. Тоа се негови проекти, на кои посветува време низ целиот процес од идеја до реализација. Пред да започне со бионичката рака, работел на неколку роботски раце, хуманоид робот, иновирање нов вид на 3Д принтер и други машини.

Овој средношколец, кој го сака и театарот, потенцира дека за успех, сепак, е клучна посветеноста.

-Се е важно. Надареноста е среќа, ама без многу работа, храброст и целосна посветеност, не може да се направи нешто значајно, вели тој.

Орхан има и специфично мислење за тоа како општеството треба да се однесува кон талентираните ученици.

-На прашањето како да се препознаваат таленти, мислам дека нема таков прирачник. Талентот носи убавина, а не мислам дека убавината се крие и треба ,,некако” да биде препознаена. Ако е така, тогаш има длабок проблем во сфаќањата и развојот. Еден здрав систем го сочинуваат племенити, образовани и широкодушни луѓе, кои можат да видат убавина. На таквите луѓе природно им доаѓа да го негуваат и поддржуваат тоа што дава плод. Нашиот систем ги уништи сите шуми и планини, па да очекуваме да ги чува талентите, потенцира тој.

А каде ќе се најде во иднината останува да се види.

-Сега сум фокусиран на бионичката рака. Периодов имаме доста работа околу нејзиното усовршување. Сакам да бидам во средина на професионалци и посветени луѓе, со вистински услови за работа. Тоа е најважно, ни кажува младиот Орхан Багашов со чија иновација животот на многу луѓе во земјава и во светот ќе стане многу, многу полесен.

Иноваторството и науката бараат финансиска поддршка која тука ја нема

Орхан со жалење констатира дека кај нас се уште не постојат доволни услови за развојот на иноваторството.

-Во роботиката треба простор каде што младите ќе можат да се собираат и работат на нивните проекти, во светот познато како ,,Мејкрспејс”. Потребни се повеќе финансирани конкурси и предизвици во различни области. Иноваторството и науката бараат финансиска поддршка, која тука ја нема, вели тој.