Спасовски: Продолжува бескомпромисната борба со криминалот и корупцијата

0
37

Чест ми е што повторно можам да го водам Министерството за внатрешни работи и заедно со сите вработени да придонесеме за подобра безбедност на граѓаните, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција, на којашто најави дека продолжуваат со имплементација на стратегиите што ги подготвиле во изминатиот период и кои треба да придонесат за поефикасна работа на македонската полиција.

Како што рече, во соработка со Министерството за одбрана и Министерството за информатичко општество и администрација продолжуваат реформите во областа на кибернетската безбедност, а во соработка со другите институции продолжува бескомпромисната борба со криминалот и корупцијата.

„Ќе дадеме полн придонес за успешно спроведување на пристапните преговори со Европската Унија за Поглавјето 24: Борба против корупција и организиран криминал, како едно од клучните поглавја во процесот.Ќе ја интензивираме борбата против илегалната миграција и трговијата со луѓе, и очекувам, како и во претходниот период, да продолжи одличната соработка со нашите меѓународни партнери и граѓанскиот сектор во насока на остварување на овие цели“, потенцира Спасовски.

Спасовски вели дека добрите резултати на полицијата доаѓаат со работата на мотивирани полициски службеници, на кои постојано им ги подобруваваат условите за работа и стандардот, а тоа ќе го прават уште поинтензивно во наредниот период.

„Продолжуваме со реновирањето на полициските станици, но и со изградба на нови објекти, набавка на нови униформи. Во напредна фаза е изградбата на зградата на крим-техника, со современа форензичка лабараторија, со што ќе се влијае на брзината на постапките. Граѓаните со право очекуваат, современи методи на постапување на полицијата, адекватни на оние во развиените земји“, рече Спасовски.

Министерот Спасовски ја истакна и одличната соработка со медиумите и медиумските здруженија, а најави и продолжување со процесот на дигитализација на услугите што се пружаат на граѓаните, како и модернизација на базите на податоци.

„Ќе обезбедиме целосна функционалност на модерниот центар за податоци што се изгради во Прилеп. Еден од приоритетите е воведувањето нов концепт за сигурност во сообраќајот во урбаните центри, што подразбира јасна и ригорозна регулација на брзините во населените места, поставување систем од камери за контрола на почитувањето на правилата и брзините, целосна автоматизација на процесот на казни и врзување на казните на регистрацијата на автомобилот. Со тоа значително ќе ја зголемиме безбедноста во сообраќајот. Ќе ги модернизираме граничните премини со инсталирање дигитални читачи на регистарски таблички“, рече Спасовски.

Министерот Спасовски најави и финализирање на концептот „Маалски полицаец“.

„Поголемото присуство на униформирани полицајци во местата каде функционира веќе даваат резултати и ни даваат поттик да продолжиме до целосна имплементација. Министерството за внатрешни работи навремено, правично, ефикасно и ефективно ќе одговара и ќе ги решава прашањата и постапките од граѓаните и правните лица. Отворени сме за граѓаните, стручната јавност, граѓанското општество за сите идеи кои можат да ни помогнат да го подобриме функционирањето“, рече Спасовски.

Во изминативе денови МВР реализирало неколку акции за справување со криминалот, пред сè во справувањето со нелегалната трговија со наркотици и во наредниот период продолжува со акциите за справување со криминалот.