Спомениците чекаат нови волонтери, видоа дека нема фајде од скапо платените институции

56

Македонија не се грижи доволно за своите споменици. Нашите предци давале животи за подобро утре на ова парче земја и сите нас на него, но дали сега ние даваме барем некоја минута почит за тоа, барем со одржување на нивните споменици? 

Пример како треба да прават самите граѓани (кога веќе институциите гледаме дека се инертни и свртени кон други приоритети) вчера дадоа армиски и полициски ветерани кои го уредија споменикот на загинатите партизани кај селото Белановце во липковската општина. Колку што можеа, со доброволна работа, тие го уредија местото, ги тргнаа насобраните треви, гранки, лисја… сето она што покажуваше на каква негрижа беше препуштен спомен-обележјето на хероите.

Но, што понатаму? Кој и како ќе се грижи за овој споменик? Пак ли ќе треба истите ветерани да одат и да го чистат или ќе го прави општината? 

Сепак има и едно друго прашање – зошто вака не се соберат волонтери и за многуте други вакви запуштени споменици низ Македонија? Многумина рекоа – Браво, за волонтерите. Зошто и самите не се волонтери?

Да, да… има платени институции за тоа, но време е и самите да засукаме ракави. Така ќе им покажеме и на најмладите дека самоиницијативноста е потреба, а и како се сака и чува историјата, спомените за хероите…

Инаку, нја прославата на 11 Октомври се виде дека во исклучително лоша состојба е и Спомен-костурницата во Куманово каде почиваат коските на 300 борци на НОБ од кумановско. А пред неа чествуваше и премиерот и министрите… тие видоа ли што и како (не)работат институциите кои ги раководат?

Неодамна, во скопскиот Градски парк се урнати и украдени бистите на Никола Вапцаров, на Коле Неделковски, Невена Георгиева – Дуња. Речиси да нема споменик или спомен-обележје на подрачјето на Македонија за кое може да се каже дека е во добра и достоинствена состојба. Дури и оние кои се во централни  градски подрачја, дури и оние кои се од понов датум. Тоа ги растрча ли институциите?

Владата деновиве најави дека ќе се правела стратегија за идната година да се поправат спомениците од НОВ. Од тоа и се плашиме, кога Владата најавува стратегија наместо веднаш да почне да реаботи – обично ништо не се сработува. Време е за работа, а не за стратегии.

Инаку, единствено нешто што брзопотезно (без да се чека и прават стратегии) се правеше во изминатиов период беше бришењето на зборовите – бугарски фашистички окупатор – на дел од нив.