Стопирани уметници

0
147

Колумна на Бисера Чадловска:

Можеби зборот „стопирање“ звучи несоодветно, меѓутоа многу точно објаснува како го доживувам светов во моментов – стопиран. И точно тоа и се случува на најголемиот дел од уметноста, барем на сите нам кои се занимаваме со изведувачка уметност. И додека сите се бават со влијанието на пандемијата врз економијата, (нешто што апсолутно не го потценувам, напротив) ретко кој има што да каже што им се случува на театрите, големите оркестри, оперските и балетски куќи. Празни сали, без приходи од билети, без можност за спонзорирање, без проекти, без претстави и концерти, без проби, без ништо…

Деновиве се изнаслушав секакви предлози за варијанти како да продолжиме со нашата работа. Да појаснам зошто најголем дел од нив не се возможни. На пример, еден голем оперски или симфониски оркестар се состои од над 80 членови. Во оркестрите постојат повеќе групи на инструменти кои додека свират мораат да се слушаат меѓу себе. Секоја група има свој водач кој групата мора да го слуша и да го следи и да свири заедно со него. Водачите пак на сите групи, се следат едни со други за целиот оркестар да функционира искоординирано. Сето ова се разбира под водство на диригент. За да се постигне оваа меѓусебна комуникација и компактност на звукот, не можат членовите на групата да бидат раздалечени еден од друг на дистанца од два метри. Хоровите и оперските солисти, слично како и оркестрите, функционираат на меѓусебно слушање на групите на гласови во хорот или неколку оперски солисти кои пеат истовремено. Кога би биле на толкава раздалеченост, би дошло до губење на хомогеноста на звукот. Кога се работи за балетот, најголем дел се состои од ансамблови танци, што подразбира директен допир на неколку различни партнери во текот на една балетска изведба.

И поради сето ова, пак доаѓам до зборот „стопирање“. Стопирани сме поради не можноста да функционираме без контакт и на раздалеченост. До кога – не знаеме. Но знаеме дека после сето ова ќе ни биде многу тешко да се вратиме во формата која тешко се стекнува, а лесно се губи. Потребни се години да се дојде до едно ниво на компактно функционирање на еден ансамбл. Сите ние ќе бидеме големи проблеми, повреди на сцена, губење на работна дисциплина, која да бидеме реални, многу тешко се стекнува во големи колективи како операта и балетот, каде во еден момент се наоѓате заедно со над 200 учесници на проба или на претстава, ќе се соочиме потребата да имаме само третина од салонот исполнет со публика, намалени (и така веќе премногу малите) приходи и со уште безброј други предизвици. Дали некогаш ќе се вратиме на нашето единствено возможно „нормално“? Ние се надеваме од сé срце.