СЗО: Се надеваме дека пандемијата ќе помине за две години

0
368

Светската здравствена организација се надева дека кризата предизвикана од коронавирусот ќе помине за помалку од две години, изјави генералниот директор, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Тој потсети дека шпанската треска, која се појави во 1918 година по Првата светска војна и однесе милиони животи, траела две години.

„Нашата ситуација сега е таква што имаме повеќе технологија, но со поголема поврзаност (на светот), вирусот има подобри шанси за ширење, може да се движи бргу“, рече Гебрејесус.

Во исто време, сепак, додаде тој, светот има технологија и знаење да го запре вирусот.

„Нашата предност е подобрата технологија, а наш недостаток се глобализацијата, блискоста и поврзаноста. Се надеваме дека ќе ја прекинеме оваа пандемија за помалку од две години“, рече шефот на СЗО.

Тој повика на национално единство и глобална солидарност.

„Ова е навистина клучно, со максимална употреба на расположиви средства и надеж дека ќе имаме дополнителни средства, како што е вакцината“, рече Гебрејесус.

Во светски рамки, 22,81 милиона луѓе се заразени со коронавирус, а 793.382 луѓе починале, потсетува „Ројтерс“.