Талат Џафери повторно избран за претседател на Собранието, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ излегоа од салата

0
331

Со гласови на 62 пратеници Талат Џафери од редовите на ДУИ повторно е избран за претседател на македонскиот парламент. Зад неговиот избор стојат пратениците од нововоспоставено парламентарно мнозинство коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ, ДУИ и ДПА. Од 105 пратеници, 43 гласаа против. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ излегоа од салата и не присуствуваа на моменто на потпишувањето на заклетвата од страна на Џафери.  

Инаку, денешната седница помина во знакот на крајно спротивставени ставови по предлогот досегашниот собраниски спикер и претседавач со конститутивната седница Талат Џафери да биде избран за претседател на Собранието. Предлогот  е потпишан од 62 пратеници го образложи пратеникот од ДУИ Изет Меџити.

-Во минатиот период Џафери ефикасно и успешно раководел со законодавниот дом, согласно законите и Уставот, образложи Меџити, за кого вчера во медиумите имаше информации дека е во судир со раководството на ДУИ.

Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците од собраниска говорница изјавија дека нема да го поддржат изборот на Џафери. На истиот став е и Левица.

-Предлогот што го доставувате, нема да биде поддржан. Во претходниот состав Џафери го злоупотребил деловникот и дека 40 отсто од законите биле донесени со скратена постапка, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Пратничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова рече дека, според нејзиниот став за лимитирање на мандати, смета дека Џафери е предолго на политички функции изминатите 19 години, што за неа е премногу.

-Во неколку ситуации Џафери во претходниот мандат не постапил во согласност со Деловникот, како што е европското знаменце на Законот за јазиците. Затоа имам голема резерва кон старо-новиот претседател како чувар на Деловникот и процедурите, рече Силјановска-Давкова.

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев во своето прво излегување пред собраниската говорница изјави дека Талат Џафери е нашиот Че Гевара , бидејќи од герила дирекно влегол во власта.

-Во левичарските кругови велат сум личел на Че Гевара, но единствен пат во историја од герила директно во Влада му се случило само на Талат Џафери, за што само може да му се честита, рече Апасиев.

На ова реплика имаше Џафери.

-Ќе прифатам дека сум Че Гевара, ако вие се согласите да бидете Фидел Кастро – му рече Џафери.

Пратеникот од коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ Панчо Минов рече дека Џафери имаше голем придонес и слух во досегашното водење на парламентот.

-Верувам дека ќе го има и во иднина. Во време кога се носеа тешки одлуки тој споведе целосна функционалност во парламентот, истакна Минов.