
Како сѐ уште современата генерација Македонци да не успеваат целосно да се откорнат од туѓото стекнато подаништво, потенцира Илија Велев
За професорот д-р Илија Велев, медиевист и византолог во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, најважно е Македонија да се зачува како национална држава.
Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат:
-Во потсвеста и во свеста ја имам истата слика за мојата интимно стекната и доживеана Татковина: земјата во која домородно живееле моите претци и во која домољубиво ја остварувам личната животна врвица на македонски интелектуалец. Таа е мојата земја со исконско име Македонија, запишано уште на теракотните и камените плочи, како и по пергаментните страници во Светото Писмо на мноштво светски јазици и писма. Свеста за Македонија е пренесувана преку колективната меморија низ симбиозите при промените на глобалните цивилизации и преку Светиклиментовата афирмација на словенската духовна и културолошка самопотврда пренесена кај современите Македонци, за посебно национално македонско себепрепознавање во словенскиот колективитет – заедно со другите словенски народи.
Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?
– Како сѐ уште современата генерација Македонци да не успеваат целосно да се откорнат од туѓото стекнато подаништво. Живееме во современа македонска држава, а преку сопствените академски, научни, културни и политички институции не успеваме (а и доволно не правиме) за да ги афирмираме националните традиции како наш автентичен културен влог во актуелната интеграција меѓу народите. Ќе признаеме дека тоа се многу повеќе од 2-3 национални и државни грешки на современите Македонци.
Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?
–Никој не е достоен самиот да оценува дали и колку се посветил да ѝ се оддолжи на својата земја. За мене е поважно секој од нас Македонците почесто да се свртуваме кон себе: каде евентуално лично грешиме преку сопствените суети и комформизам, а и колку самите можеме да се посветиме да придонесеме за просперитетот на Татковината. Крајно е малодушно, невешто и е малициозно само да се критикува – а притоа да се одбегнува да се презема лична одговорност.
Со што најмногу се гордеете во нашата земја?
–Се гордеам што по раѓање и по живеење токму Македонија е мојата земја- Татковина. Препознавана низ целиот свет како древна земја, од чија историја проникнала цивилизациската идеја за глобализацијата: да се почитуваат народите со различностите и со сличностите.
Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?
–Она што нам лично би ни недостасувало во Македонија, треба Македонците едни со други солидарно да си го надополнуваме – во националното единство. Треба да се трудиме на сопствената држава да ѝ даваме и да ја надградуваме, а не да ѝ одземаме.
Во каква Македонија сакате да живеете?
– Живееме во време кога македонската национална стратегија политички и државно ни е импотентна. Сакам мојата генерација да ја зачува Македонија како национална држава, зашто сите историски искуства на Балканот сведочат дека народ кој нема национална држава – е осуден на асимилација, или на раселување. Секако и како таков, би бил заборавен засекогаш.
Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно ѝ даваат на државата?
–Тоа е политичко прашање и очекувам самите „државници“ во Македонија да си го одговорат Себеси, колку што им дозволува изгубената совест и свест. За жал, оние наши колеги кои не успееја да се реализираат во сопствените професии се приклонуваат кон партиско групирање – а што е потрагично, токму Тие ги нудат стандардот и вредностите и го навикнуваат македонскиот народ да се задоволува со просечности.