Три години од потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија

0
81

Денеска се навршуваат три години откако тогашниот премиер Зоран Заев, и премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов, во Владата го потпишаа договорот за добрососедство, пријателство и соработка.

По тој повод, Заев денеска истакна дека со договорот ја отсликува политичката волја за прогрес и решавање на отворените прашања, а со него направен е историски чекор напред.

„Создадовме модел со кој го поставивме споделеното минато како темел за подобра иднина и подобар живот на нашите граѓани. Перспективите на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, а подоцна и Договорот од Преспа со Грција, ни ги донесоа членството во НАТО, отворениот процес за преговори за членство во ЕУ, но и ко-претседавањето на Берлинскиот процес годинава со што за првпат земја која не е членка на ЕУ, зазема лидерска позиција во оваа регионална програма на ЕУ за Западен Балкан. Овој успех стана инспирација и модел за соработка за регионот и пошироко, а македонскиот народ и сите граѓани на Северна Македонија ги потврдија своите најблиски сојузници на европскиот и прогресивниот пат кон подобра иднина“, пишува Заев.

Како што додава, рамката на иднината на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка ги упатува владите на двете земји да бидат безрезервно посветени на остварување на перспективите за развој и напредок на односите на Република Северна Македонија и Република Бугарија и за добробит на своите народи.

Договорот беше потпишан на македонски и на бугарски јазик, а предвидува бугарска поддршка во македонските евро-атлантски напори за влез во ЕУ и НАТО, соработка на билатерален план, унапредување на транспортните комуникации, олеснување разни царински и гранични формалности. Согласно договорот беше формирана заедничка македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.