Триесетина луѓе насилно однеле мртовец од струмичката болница

356

Триесетина лица утринава насилно го земале починатиот пациент од амбулантата на Инфективното одделение на болницата во Струмица. Пациентот кој имал 49 години околу 9 часот бил хоспитализиран во инфективната амбуланта со зголемена температура, висок крвен притисок и малаксаност. Тој за кусо време починал.

-Се се случи како во хорор филм. Пациент на 49 годишна возраст бил примен во амбулантата во тешка состојба, откако претходно го донеле неговата ќерка и сопругата. Отако набргу починал дваесетина граѓани од Турското маало во Струмица го извлекле починатиот со кревет надвор во дворот на болницата, го префриле преку оградата и го ставиле во комбе по што се упатиле во непознат правец, изјави за државната агенција МИА д-р Наќе Гогов, директор на болницата.

Тој додаде дека го осудуваат овој чин бидејќи не дозволиле на лекарите да потпишат посмтрница и да ги пополнат потребните документи.

-Веднаш ја алармиравме полицијата, но додека таа да дојде тие веќе заминаа, рече директорот Гогов.

Вработените во болницата не можеле да направат ништо, бидејќи се работело за поголема толпа и не сакале да предизвикаат инцидент.