УНИЦЕФ на сиромашните земји ќе им испрати две милијарди дози вакцини

0
44

Земјите во развој ќе добијат речиси две милијарди дози вакцина против Ковид-19 в година, објави Агенцијата за деца на ООН. УНИЦЕФ објави дека соработувала со 350 авиокомпании и логистички компании за доставување на потребните вакцини и инјекции во сиромашните земји, како Бурунди, Авганистан и Јемен, како дел од Ковакс, глобален план за дистрибуција на вакцини на СЗО.

„Ќе соработуваме на овој план за да обезбедиме доволен капацитет за транспорт за оваа историска операција“, рече Етлева Кадили, директор на одделот за снабдување на УНИЦЕФ.

Целта на Ковакс – проект заеднички предводен од СЗО, групата ГАВИ и Коалицијата за епидемиолошка подготвеност – е да спречи одделни земји да акумулираат резерви вакцини против Ковид-19 и да обезбеди вакцини за сите најранливи групи во сите земји.

Лидерите на 20-те најбогати земји во светот собрани на Г20 на виртуелниот состанок во саботата и неделата ветија дека ќе обезбедат фер дистрибуција на вакцини, лекови и тестови за да не останат изоставени сиромашните земји. Дури и пред да почне пандемијата, пристапот до вакцината не беше ист за сите бидејќи речиси 20 милиони бебиња не можеа да бидат вакцинирани што ќе ги заштити од сериозни болести, попречености или смрт, соопшти СЗО.

„Потребна ни е целата достапна помош додека се подготвуваме да доставиме дози на вакцини, инјекции и заштитна опрема за да ги заштитиме здравствените работници во светот“, рече Кадили, официјален претставник на УНИЦЕФ, кој е најголемиот купувач и дистрибутер на вакцини во светот.

И покрај сегашната пандемија, УНИЦЕФ дистрибуира над две милијарди дози рутински вакцини секоја година во речиси 100 земји. Се очекува до крајот на оваа година здравствените регулатори да ги одобрат првите вакцини против Ковид-19.