Уште колку инциденти со малолетници треба да се случат за да се реагира посериозно?

150

Тепачки по улици и автобуси, ранувања со ножеви, договорени масовни пресметки… Сето ова последниве денови се случува меѓу младите во Скопје, најмногу меѓу средношколците. Дали ова ќе ги растрча многуте скапо платени државни институции кои во својот делокруг ги имаат децата?

Инцидентите зачестија, а опасностите дека некое дете и посериозно ќе настрада се се поголеми. Пред неколку недели алармот се вклучи со инцидентите во Гази Баба. Таму, во автобусите на ЈСП „Скопје“ кои одат кон населбите Стајковци и Синѓелиќ имаше неколку пресметки меѓу учениците. Општинскиот градоначалник се ангажира, се свикаа состаноци со родителите, со полицијата и се договори полициските службеници да патролираат во критичните автобуси.

Но, инцидентите не завршија тука. Пред десетина дена на подрачјето на Бит-пазар еден малолетник бил нападнат од двајца други малолетници и повреден со нож. Завчеравечер, во автобус број „41“ пак двајца малолетници нападнале друг малолетник.

Во петокот вечерта, пак, благодарение на навремената полициска интервенција се спречи масовна „договорена“ тепачка на средношколците зад трговскиот центар „Бисер“ во скопски Аеродром. А што доколку во некој следна прилика полицијата не успее благовремено да дознае дека ќе има ваква пресметка во центарот на една голема урбана населба?

Очигледно, нешто длабоко не е во ред кога се во прашање младите во градот. Порастот на агресивноста, на инцидентите е во значителен пораст, исто како и ризикот некој сериозно да биде повреден. На ова мора да се реагира и да се спречува. Родителите, училиштата, педагозите, полицијата, социјалните служби… сите оние коишто се вклучени во грижата за младите мора да се активираат за да се запре овој бран на насилството. На младите мора да им се укаже дека физичките пресметки се недозволиви и опасни, дека проблемите мора да се решаваат на друг начин. За жал, информации дека е започната ваква активност нема. Значи ли тоа дека ќе се чека некој потежок инцидент за да се реагира?