Владата и средношколците без договор за моделот на наставата

0
231

Владата и претставници на Сојузот на средношколците на денешната средба не постигнаа договор околу начинот на наставата во средните училишта во новата учебна година но разговорите околу тоа ќе продолжат и во следната недела. Премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, министрите за образование и за здравство, Арбер Адеми и Венко Филипче, како и заменик-министерката за образование, Елизабета Наумоска денеска примија делегација на Сојузот на средношколци предводена од претседателот Бленди Ходаи. До средбата дојде по незадоволството на средношколците заради тоа што не се вклучени во определувањето на начинот на наставата заради што се најави и можен бојкот. Тие бараат наместо само моделот на онлајн настава да се промени комбинирана настава: со физичко присуство и онлајн.

Во владиното соопштение се наведува дека претставници на средношколците детално се запознаени со моделот на наставата.

-Прифатена е сугестијата на претставниците на Сојузот на средношколците за нивна поголема вклученост во подготовките за организација и спроведување на прифатениот модел за да се постигнат најдобри решенија во интерес на учениците и наставниците, се истакнува во соопштението.

Претставникот на средношколците Бленди Ходаи по средбата изјави дека министерот Венко Филипче рекол дека треба да се почека за да се види каква ќе биде епидемиолошка слика.

-Тие бараат да не се шири вирусот. Но вирусот е веќе раширен насекаде од митинзите кои се организираа во предизборието. Ние нема да го ставаме во ризик на здравјето на средношколците зашто тоа за нас е најголем приоритет. Ние прво ќе  протестираме за да ги кажеме нашите барања, а потоа ќе продолжиме со бојкот и ќе бидеме „офлајн“ од онлајн наставата додека Владата не ја замени одлуката. Добро од денешната средба е тоа што одлуките ќе бидат донесувани на инклузивен начин. Ќе се сретнеме и идната недела, рече Ходаи.