ВМРО-ДПМНЕ: Два дена молк од Заев, Димитров и Османи за средбите во Софија

0
50

СДСМ како раштиман оркестар, Костадинов негира, Заев потврдува дека имало преговори во Софија, не знаат веќе како да излажат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ како раштиман оркестар, Костадинов негира, додека премиерот во заминување Заев во изјава за медиум потврдува дека имало преговори во Софија. Според нашите информации, на маса било раскрчмување на татковината, идентитетот, јазикот и историјата. Два дена молк од Заев, Димитров и Османи за средбите во Софија“, велат од партијата.

Зоран Заев и оваа, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, пазарџиска власт не ѝ одговорија на македонската јавност за што се преговараше овој викенд помеѓу македонската и бугарската делегација во Софија.

Дали премиерот во заминување ладнокрвно ги распродава македонскиот идентитет, македонската историја и македонскиот јазик на тајни средби во Софија. Македонската јавност мора да ги дознае сите велепредавства кои ги прави оваа влада на чело со квислингот Заев. Јасно е како бел ден дека Заев  ќе направи и ќе прифати сè за само тој да си ја спаси својата политичка кариера на штета на националните интереси на државата“, пишува во соопштението.

Од таму велат дека нема да прифатат никаков договор или патоказ кој е на штета на Република Македонија.

„Договори кои ќе значат газење на црвените линии, откажување од македонската историја, македонскиот јазик и идентитет. За овие работи нема пазарање, овие работи немаат цена. За сите распродажби на националните обележја квислингот Заев еден ден ќе одговара. Затоа Зоран Заев мора да си замине за да дојде слободата на народот. Оставка на Заев за заштита на националните интереси“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.