ВМРО-ДПМНЕ: Новата коалиција Заев – Ахмети е за продолжување на старите навики на криминал и корупција

349

„Новата коалиција Заев – Ахмети е за продолжување на старите навики на криминал и корупција.
Единствениот и најголем именител на коалирањето се криминалот и лагата. Ќе потсетиме дека Заев за ДУИ пред изборите рече дека 5 пари не вредат, а ДУИ за СДСМ рече дека се криминалци“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, „државата ќе добие влада која 5 пари не вреди и која е криминална“.

„Што се однесува до укинувањето на пржинската влада и премиер Албанец, самиот пржински модел беше договорен меѓу опозицијата и власта, Заев нема право, без консултација со опозицијата и меѓународниот фактор, кој беше гарант на тој модел, да го укинува еднострано и да го пазари во договорот за неговата влада. Оттука, се работи за уште една нова спектакуларна лага на двајцата лидери, која има цел да се отргне вниманието на крими-коалицијата што ќе ја формира владата. Оние што 4 месеци на оглас откриваат кој ја гради дивоградбата во ‘Мавровка’, која никне пред очите на целата јавност, сега ќе управуваат со буџетот на сите, ќе ја злоупотребуваат и крадат иднината на сите. Ваква крими-коалиција е новото цунами во државата.

Што се однесува до ветувањето за испитување на потеклото на имотот, тоа е предлог на ВМРО-ДПМНЕ уште пред една година. Кога тоа беше предложено од претседателот Мицкоски, Заев тогаш рече дека можело да се испитува потеклото на имотот и со постојните закони. Сега тој брза со ова решение за тој да го води процесот на испитување и да го скрие сомнителниот и криминален имот на сопственото семејство. Еве, да ја кажеме, целта на тој закон, кој ВМРО-ДПМНЕ ќе го предложи на првата можност во Собранието, тој закон треба да се носи за Зоран Заев и криминалната дружина и таквите како нив, кои преку ноќ се збогатија на грбот на народот. Оваа крими-коалиција е со привремен рок на траење и за еднократна употреба“, наведува партијата.