Во пожар во ТЦ „Глобал“ во Струмица, изгореа десетина продавници

0
55

Доцна синоќа пожар изби во трговскиот центар „Глобал“ во Струмица, при што изгореа десетина продавници и тезгите од пазарот кој се наоѓа внатре во трговскиот. Со огнената стихија речиси цела ноќ се бореа пожарникарските екипи.

Рано утрово е изгаснат пожарот откако пожарникарите со часови се обидуваа да го стават под контрола огнот, што зафати голем дел од трговскиот центар.

Според информациите, огнот избувнал во една од продвниците во приземјето, по што многу брзо се проширил во другите дуќани и ги зафатил и тезгите од пазарот, што се наоѓа внатре во трговскиот. Направена е голема материјална штета.

„ Во овој момент се обидуваме да се спаси она што може да се спаси. Јас верувам дека среќа е што нема човечки жртви, но ќе има голема материјална штета. Службите во наредниот период ќе можат да анализираат што била причината за овој пожар“, изјави синоќа струмичкиот градоначалник, Коста Јаневски, кој беше присутен за време на гаснењето на пожарот.

Во гаснењето на огнот учествуваа струмичките пожарникари, јавното комунално претпријатие, но и противпожарни екипи од неколку други градови. Причините за пожарот се уште не се знаат.