Во Словенија уште 75 заразени, властите најавуваат нови мерки

0
50

Во Словенија во последните 24 часа биле потврдени 75 нови случаи на инфекција со коронавирус од 1.034 направени тестови, а регистриран е и еден смртен случај.

„Ова е помал број на инфекции во споредба со претходниот ден кога беа потврдени 168 заразени од 1.940 тестирани, но процентот на новоинфицирани во однос на бројот на тестови е сè уште голем“, рече владиниот портпарол за Ковид-19, Јелко Кацин.

Тој предупреди дека помал број луѓе се тестираат за време на викендите и дека во следните денови може да се очекуваат повеќе инфекции, на поголем број тестови.

Досега во Словенија се направени вкупно 236.177 тестови, а потврдени се 6.573 случаи на инфекција. Во моменотв активни се 2.103 случаи, а починале вкупно 156 пациенти, соопшти Министерството за здравство.

Кацин рече дека овие денови владата ќе разгледа воведување на нови мерки за спречување на епидемијата, меѓу нив и опцијата за ограничување на работата на рестораните и продавниците, но и намалување на бројот на луѓе на кои им е дозволено да се собираат на едно место, без разлика дали станува збор за јавен или приватен простор.

„Непотребното и ризично дружење на голем број луѓе продолжува и ако тоа остане така и покрај нашите предупредувања, ќе бидеме принудени да го ограничиме групирањето на максимум десет лица, без разлика дали станува збор за јавен или приватен простор“, предупреди Кацин.