За избегнување на тестирање во Хонг Конг предвидена е затворска казна

0
33

Задолжителното тестирање на Ковид-19 за високоризични групи на граѓани почна во Хонг Конг од денеска, а на оние кои одбиваат да тестираат им се заканува затворска казна од шест месеци.

Постои градација на казните, така што избегнувањето на првичното тестирање се казнува со парична казна од околу 257 американски долари. Секое последователно одбивање на тестирање може да резултира со парична казна од повеќе од 3.000 долари или шестмесечна затворска казна.

Во саботата, владата објави нови мерки што треба да послужат за спречување на она што Хонг Конг го нарекува четврти бран на ширење на коронавирусот. Според новите мерки, задолжително е тестирањето на лицата со висок ризик и секој што ќе дојде во контакт со нив.

Според новите правила, лекарите ќе можат да побараат од пациентите кои имаат симптоми на болеста да бидат тестирани. Овој потег се должи на зголемувањето на бројот на увезени случаи на зараза, како и на локалното ширење кај луѓето кои се епидемиолошки поврзани.

Од понеделник, услужните активности, кои неодамна продолжија со нормално работење, повторно ќе бидат погодени. Така, баровите, клубовите и рестораните ќе мора да го намалат капацитетот на користење од 75 на 50 проценти и нема да им биде дозволено да работат по полноќ. Максимум две лица ќе можат да бидат на една маса во барови и клубови, а четири во рестораните.

Туристите кои доаѓаат во Хонг Конг и не пристигнуваат од Кина или Тајван ќе треба да поминат две недели во карантин во хотел.