Заев денеска ќе го достави предлогот за состав на новата влада

0
281

Мандатарот Зоран Заев денеска во 11 часот до Собранието ќе го достави предлог-составот за новата влада и предлог-владината програма. Поднесувањето на предлог составот на новиот владин кабинет следува по повлекувањето на пратениците кои ќе бидат идни министри и верификацијата на мандатите на новите пратеници кои дојдоа на нивните места во парламентот.

Новата Влада ќе има 19 министри, наместо досегашните 26. СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност.

Покрај Заев како премиер, за членови на владата се предложени и: Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата влада.

ДУИ во владата ќе има шест члена, па така Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. За министер за информатичко општество и администрација е предложен Јетон Шаќири.