Заев: Новата влада ќе има седум министри помалку, главен фокус ќе биде јакнењето на економијата

0
63

Централниот одбор на СДСМ се согласи со склучената коалиција со ДУИ, преку која партијата обезбеди парламентарно мнозинство и нова влада. Одборот ги потврди и кадрите на СДСМ кои ќе бидат предложени за нови министри и потпретседатели на Владата. Меѓу нив, нови имиња кои ќе раководат со министерствата се Ирена Стефоска, Благојче Бочварски, Бојан Маричиќ, Јагода Шахпаска.

На функциите остануваат досегашните министри на Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, како и Министерството за одбрана. Заев по состанокот на Централниот одбор, соопшти и дека во Владата ќе има седум министри помалку, па наместо 26 ќе бидат 19 министри.

„ Централниот одбор на СДСМ ги одобри предложените кадри. СДСМ го номинира потпретседателот на Влада за борба против корупцијата, одржлив развој и човечки ресурси, Љупче Николовски. Потпретседател на Влада за европски политики е Никола Димитров. Потпретседател на Влада за економски политики е Фатмир Бетиќи. Министер за внатрешни работи – Оливер Спасовски. Министер за одбрана – Радмила Шеќеринска. Министер за здравство – Венко Филипче. Министер за образование – Мила Царовска. Министер за транспорт и врски – Благојче Бочварски. Министер за култура – Ирена Стефоска. Министер за правда – Бојан Маричиќ. Министер за труд и социјална политика – Јагода Шахпаска. Ресорот земјоделие е даден на коалициониот партнер Беса и министерот за локална самоуправа на ЛДП. Во новата влада, СДСМ има предложено 19 министри, од кои осум се со ресор, а од нив плус се тројцата потпретседатели на Влада кои се предлагаат како министри без ресор, со надлежност која Владата ја дава во областите кои ги споменав. Од осумте министри со ресор, четири се жени, а четири се мажи“, рече Заев.

Лидерот на СДСМ посочи дека во новата влада ќе има седум министри помалку.

„ Многу важно е дека Владата ќе има 19 министри и премиер, наместо досегашните 26 министри и премиер. Бројот на ресорите е намален за седум министри. Продолжуваат инвестициите во јавното здравство, во опрема и човечки капитал. Кадровските решенија се усогласени и поддржани едногласно од сите. Важно е дека сите овие луѓе продолжуваат да бидат дел од тимот на СДСМ. Рената Десковска откако стана пратеник во 2014 година е излезена од професијата, професор на правниот факултет и има желба да се врати. Но секако ќе помага, има драгоцено искуство, ќе помага во новата извршна власт. Дамјан Манчевски сигурно ќе помага во некоја друга институција, нема да биде министер во Владата. Исто така и другите министри како Роберт Поповски, Едмонд Адеми, Горан Сугаревски и други. Сметаме на нивните капацитети. Тоа е причина за освежување на Владата. Владина определба ќе биде и заштитата на животната средина. Во делот на надворешната политика ќе продолжиме со имплементација на договорите со Грција, Бугарија и Охридскиот рамковен договор. Овие принципи ќе ги реализираат одговорни кадри“, кажа Заев.

Тој додаде дека се усогласуваат и изборните платформи во заедничка четиригодишна програма, чиј главен фокус ќе биде ставен на јакнење на економијата, односно поголеми плати и пензии.

„Централниот одбор на СДСМ донесоа одлука за усвојување на договорот за коалицирање со ДУИ со кој имаме ново парламентарно мнозинство и нова Влада. Јас ќе бидам четири годишен премиер, а во последните 100 дена премиер да дојде од ДУИ, со заедничка согласност. Парламентарното мнозинство ќе го почитува духот на заедничкото мислење. Партиите веќе ги усогласуваат своите изборни платформи во заедничка четиригодишна владина програма. Главен фокус ќе биде ставен во јакнење на платите и пензиите, директна поддршка на домашната економија и привлекување на странски инвестиции. Следуваат конкретни итни мерки за зголемување на динамиката за финансирање на изградба патишта, училишта, градинки, гасификација и така натаму“, рече Заев.