Заев: Подготвен сум да бидам премиер во наредните четири години

0
71

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е уверен дека ќе успее да состави влада во следните 20 дена, а веќе денеска продолжуваат преговорите и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Кога на Заев му беше врачен мандатот од претседателот Стево Пендаровски, тој посочи дека со ДУИ имаат доста сериозни прашања, кои не се затворени. Запрашан за тоа дали ќе му ја оствари желбата на потенцијалниот коалициски партнер – ДУИ за прв премиер Албанец, Заев рече дека е подготвен да биде претседател на владата следните четири години иако се разговара за ова прашање со Ахмети. Тој додаде и дека целта му е да состави стабилна влада со повеќе од 61 пратеник во Собранието.

„Да, јас денес го добивам мандатот и се спремам да бидам четири години премиер. Но, една од темите е и таа. Овде, секако, разговорите се отворени со ДУИ. Во такви околности разумноста и желбата да се биде сервис за граѓаните треба да нè води. Но, тоа треба да го разберат и потенцијалните коалициски партнери. Се обидуваме да ги дадеме сите можни информации до онаму каде што нема да ги нарушиме преговорите. Денес, имам средба со претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Имаме успех во многу аспекти, а имаме и прашања што не се затворени, а се прилично сериозни. Се надевам на успех бидејќи граѓаните ни дадоа насоки кој со кого да преговара. Граѓаните кажуваат со кого треба да се направат сите можни напори. Но, опциите постојат“, рече Заев.

На преговорите се разговарало и за кандидатите на ДУИ и распределбата на ресорите, а сите одлуки што ќе ги донеле, според Заев, ќе бидат според желбата на граѓаните.

„Сите партии со кои се видовме се согласуваат да зборуваме за граѓаните. Да, за еднаквоста, правата и за обврските. Но, да зборуваме за граѓаните. Од таков аспект отворено е да зборуваме за граѓаните како потенцијални кандидати во согласност со вродените успеси, вградената перцепција кај граѓаните дека се добри кандидати. Во делокругот на сите тие работи ги гледаме сите аспекти. Не зборувам само за претседател на владата, туку и за министри и други кадри. Решението што ќе го изнајдеме е за еднаквоста на граѓаните“, додаде Заев.

Тој неколкупати во текот на својот говор посочи дека очекува флексибилност од ДУИ.