Земјите од Балканот се договорија за изработка на протокол за отворање на границите

0
239

Министерот за здравство, Венко Филипче, присуствуваше на видеоконференција на тема „Ковид-19 во земјите од Западен Балкан, Грција и Бугарија“.

На видеоконференцијата, која ја иницираше Филипче, учесниците информирале за состојбата со коронавирусот во своите земји, предизвиците со почетокот на учебната година, подготовките на системот за наесен и процесот за набавка на вакцината.

Во однос на границите и слободното движење на патници во земјите од регионот, македонскиот министер посочил дека треба да се заземе координиран пристап помеѓу земјите, како границите да бидат отворени и да им се олесни преминот на патниците, а притоа да се обезбеди контрола над ситуацијата со коронавирусот, на што се согласиле и другите  учесници на конференцијата.

Филипче исто така нагласил дека Македонија е заинтересирана за набавка на вакцина и дека, освен што е дел од Ковакс-програмата на СЗО, земјата добила понуда од полскиот амбасадор да купи количина од Полска од вакцината на „Астра Зенека“.

Врз основа на кажаното, на состанокот е договорено да се изработи иницијален документ на заемен протокол за границите. На документот ќе работи работна група составена од членови од сите земји на Западен Балкан, Грција и Бугарија, а следната видеоконференција на која ќе се дискутира за протоколот ќе се одржи, најдоцна, за две недели.

На денешната конференција учествуваа министрите за здравство на Албанија – Огерта Манастарлиу; на Грција – Василеиос Кикилиас; на Република Српска – Ален Шераниќ и на Косово – Арменд Земај, како и заменик-министерот за здравство на Босна и Херцеговина – Горан Черкез, Данијела Урошевиќ, асистент на министер за интернационална соработка и европски интеграции, и Верица Јовановиќ, директор на Институтот за јавно здравје од Србија, како и Ангел Кунчев од Бугарија, директор на здравствениот инспекторат.